Претходна статија
МОК трага по архитектонски труд за „олимписка куќа“ во Скопје
Следна статија
Нема веќе продажба на станови без заедничкото земјиште

Започна изградбата на експресниот пат Градско – Прилеп

Објавено на 21.07.2016 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

По потпишувањето на договорот со шпанската компанија „Конструксионес Рубау“ (Construcciones Rubau) во јануари годинава, на терен започнаа градежните активности за изградба на експресниот пат Градско – Прилеп во должина од 33,5 километри. Изведувачот во моментов на неколку места работи на пробивање на делницатана од Фаришка до Дреновска клисура, која дури 95% ќе биде нова траса.

 

Експресен пат Градско - Прилеп (ЛОТ-1)Градилиштето денеска го посетија министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски и директорот на ЈП за државни патишта Александар Стојанов. Тие изјавија дека во моментов се работи првата фаза од патот во должина од 10 километри. Досега се исчистени 70% од трасата, на која е предвидено да се изградат 15 мостови и вијадукти. Меѓу двете клисури е зацртано да се изведат два тунела од 40 и од 140 метри. Инвестицијата за овој дел од трасата изнесува 31,8 милиони евра, додека целокупниот проект тежи 70 милиони евра. Идниот експресен пат ќе биде широк 12,4 метри, со по една главна лента од 3,5 метри и дополнителна помошна лента од 2,5 метри во секој правец.

 

Во наредниот период, ЈП за државни патишта ќе треба да го избере изведувачот на градежните работи и на втората етапа од проектот, кој ја опфаќа изградбата на експресниот пат Градско – Росоман – клучка кај Кавадарци, во должина од 16 километри. Градежните работи на овој сегмент се очекува да стартуваат во втората половина од 2017 година. Во третата фаза ќе се гради делницата од Тројаци до Плетвар и влезот кај Прилеп во должина од 7,5 километри. За последната етапа од експресниот пат веќе е изработена проектната документација, а наредната година е предвидено да се распише тендер за избор на изведувач на градежните работи.

 

Експресниот пат Градско – Прилеп треба биде целосно изграден за три до четири години. Проектот се финансира преку подигнатиот заем од Европската банка за обнова и развој во износ од 305 милиони евра.