Едуард Кукан, европратеник и поранешен шеф на словачката дипломатија, во интервју за порталот „Нова ТВ“ објаснува дека парите од европските ИПА фондови се стопирани за Македонија поради нивна злоупотреба. На новинарско прашање „Како може Словачка за време на претседавањето со Унијата да и помогне на Македонија да го врати назад овој важен финансиски инструмент“, европратеникот Кукан одговара: „Мислам дека во овој случај прашањето треба да биде обратно поставено. Што може Македонија да направи за да ги врати назад ИПА-фондовите? Впрочем Македонија можеби и загуби дел од тие средства како последица на нивната злоупотреба“ посочува тој.
Прашањето за контролата на трошењето на европските пари и недостигот на политички дијалог во земјава доведе до стопирање на планираните 69 милиони евра наменети за изградба на пругата кон Бугарија. Првата делница – пругата меѓу Куманово и Бељаковце веќе се гради, но европските пари се неопходни за натамошно продолжување на изградбата на преостанатите две делници до граничниот премин Деве Баир.
Европската унија претходно ја замрзна и исплатата на 27 милиони евра од претпристапната помош за Македонија, за проекти кои допрва требаше да се реализираат. Изведбата на градежни и на реконструктивни зафати во земјава е една од најзначајните ставки на кои се трошат средствата од европските ИПА фондови.