Фабриката на „Кнауф“ во Дебар е прогласена за најуспешна во две од вкупно шест категории, на ниво на целата групација „Кнауф“ за 2015 година. Германската компанија е глобален лидер во производството на градежни материјали од гипс и има вкупно 105 фабрики во десетици земји од светот. „Дебарската екипа е најдобра, зашто од шесте награди кои ги доделуваме за најуспешни, две се во рацете на овие работници. Вложивме многу, создадовме една современа фабрика, чии гипсени производи се барани низ целиот свет“ истакна Беатрикс Петер-Кнауф, член на фамилијата Кнауф, еден од сопствениците на компанијата и воедно генерален менаџер за Источна Европа, надлежна за вкупно 19 држави. Таа изрази посебно задоволство од успешната соработка со дебарската локална власт.
Директорот на „Кнауф“ за Југоисточна Европа, Тодор Деловски на свеченоста на фабриката во Дебар рече дека Управниот одбор е многу задоволен од функционирањето на дебарската фабрика, која е успешен пример за квалитетна работа. „Нашата сила е во гипсот и работниците. Од приватизацијата во 1994 година вложено е многу, изградени се нови погони, постојните осовремени, работиме со најсовремена технологија, целосно автоматизирана“ истакна Деловски.