Опозициската партија СДСМ го прашува скопскиот градоначалник Коце Трајановски зошто три години доцни помпезно најавената инвестиција во депонијата „Дрисла“. Советникот на СДСМ од Советот на Град Скопје, Ѓорѓе Матевски денес праша дали ќе се покрене постапка за заштита на интересите на Град Скопје со барање за раскинување на договорот и исполнување на обврските од инвеститорот. „Повеќе од 3 години, откако градоначалникот Коце Трајановски од ВМРО-ДПМНЕ, го избра италијанскиот „ФЦЛ Амбиенте“ да стопанисува со депонијата „Дрисла“, а концесискиот договор до ден денеска не е презентиран на јавноста. Помпезно беа најавувани силни инвестиции и вложувања од 73 милиони евра“ вели Матевски.
Од СДСМ посочуваат дека италијанскиот инвеститор го завршил партерното уредување и пристапните патишта, но истовремено пробиени се роковите за изградба на фабрика за прочистување на води, постројка за црпење, собирање на депониски гас за топлинска енергија. Досега не е изградена постројката за третман на градежен отпад и постројката за третман на медицински отпад.
Од Градот Скопје денеска реагираа на изнесените тврдења од опозициските социјалдемократи. „Ги повикување од СДСМ да излезат на терен и со свои очи да се уверат дека на депонијата „Дрисла“ се во тек подготвителните работи за изградба на постројката за третирање на отпадот. Исто така, не е точен ставот дека доцни инвестицијата на депонијата „Дрисла“ и дека инвеститорот ги пробил роковите за изградба на постројката. Нагласуваме дека рокот за изградба на постројката е 24 месеци од денот на издавање на градежната дозвола, а градежната дозвола „Дрисла“ ја има добиено во мај годинава“ велат од Град Скопје.