Претходна статија
Се гради Дом за стари лица во Илинден
Следна статија
Менувањето на фасадите во Скопје без никаква јавност и отчетност

СДСМ бара од компаниите да не учествуваат на тендери за „барокизација“ на Скопје

Објавено на 04.07.2016 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија денеска ги повика градежните компании од земјава и од странство да не учествуваат на претстојните тендери за менување на надворешниот лик на Градскиот трговски центар, Македонската опера и балет и Националната универзитетска библиотека во центарот на Скопје. „Новата, демократска власт веднаш ќе ги стопира овие криминални проекти. Затоа, ги повикуваме сите домашни и странски градежни компании да не учествуваат на повикот, кој евентуално би го распишала криминалната влада на Никола Груевски“ изјави Дамјан Манчевски, потпретседател на СДСМ. Веднаш по смената на власта, СДСМ ќе ги пренасочи средствата за барокните фасади кон проектот за гасификација на Скопје и за други неопходни потреби за граѓаните.

 

И градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски денеска излезе со став дека ќе ги искористи сите правни и институционални средства што му стојат на располагање за да го спречи менувањето на ликот на трите препознатливи објекти во Скопје. Од граѓанската иницијатива „Го сакам ГТЦ“ велат дека владата тера инает и е целосно исклучена од реалноста. „Дента кога ЕУ ги блокираше ИПА фондовите и блокираше големи инфраструктурни проекти како автопатот кај Демир Капија и пругата кон Бугарија, тие и ги одземаа ингеренциите на општина Центар за да потрошат нови десетици милиони евра за уништување на културно наследство. Со оваа влада нема разбирање, а „Скопје 2014“ може да се спречи само ако владата падне. Затоа, ги повикуваме сите наши поддржувачи да се приклучат на протестот во среда на Шарената револуција“, посочуваат од „Го сакам ГТЦ“.