Министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски е во дводневна работна посета во Ротердам, на министерскиот состанок посветен на Транспортните Европски Коридори (ТЕН). На состанокот на кој присуствуваат министрите за транспорт од земјите на Западен Балкан, се разговара за главната мрежа на Европски транспортни коридори во рамките на ЕУ и нејзино продолжување во земјите од Западен Балкан. Целта е во ЕУ, а исто така и во регионот на Западен Балкан, оваа основна мрежа да биде изградена до 2030 година со т.н. „ТЕН-стандарди“.
Министерот Мисајловски ги претстави инфраструктурните проекти што ги реализира македонската извршна власт за развој на Коридорите 8 и 10, како и унапредувањето на поврзаноста со регионот и земјите од Европската унија. Тој потенцираше дека за доизградба на овие паневропски коридори се потребни средства во висина од 1,7 милијарди евра. „Моментално на Коридорот 10 активно се работи на автопатот Демир Капија – Смоквица и очекуваме автопатот да биде готов во првата половина на 2017 година. Во меѓувреме се работи и на изградба на автопатот Кичево – Охрид и овојпат очекуваме да заврши во 2018 година“, рече министерот Мисајловски.
Во делот на железничката инфраструктура на Коридорот 8, министерот Владо Мисајловски ги претстави проектите за изградба на пругата кон Бугарија, осврнувајќи се на акцискиот план за изградба на пругата до 2023 година. „За нас многу значаен проект е изградбата на новата пруга кон Албанија. Со изградбата на оваа пруга и таа кон Бугарија, Република Македонија ќе добие железничко поврзување кон Исток и кон Запад, важен сегмент за регионалното поврзување. Затоа е многу важно Европската комисија да ја препознае потребата за реализација на овој проект и да не поддржи преку негово финансирање“, истакна Мисајловски.
На министерскиот состанок во Ротердам присуствуваа министрите за транспорт во Македонија, Црна Гора, Албанија, Косово, Србија, БиХ, Бугарија и Комесарката за транспорт на Европската комисија, Виолета Булц.