Две парцели за изградба на индустриски објекти се огласени на продажба од Општина Богданци. Станува збор за локации во месноста Горни чаир, кои се наменети за изградба на откупно – дистрибутивни центри за свежо овошје и зеленчук. Парцелите имаат површина од 5.828 и од 7.027 метри квадратни, а почетната цена на електронското јавно наддавање ќе биде 61 денари за метар квадратен. Локалните власти ги очекуваат пријавите од домашните и странските инвеститори најдоцна до 25 јули. Лицитацијата на земјиштето ќе се одржи на 29 јули.
По купувањето на градежните парцели, инвеститорите ќе имаат рок од 12 месеци за да обезбедат одобрение за градење од локалната самоуправа. Новите откупно – дистрибутивни центри во Богданци треба да бидат изградени во рок од четири години од добивањето на градежната дозвола.