Институтот за истражување во животна средина, градежништво и енергетика ИЕГЕ оваа година ја основа првата Менаџерска школа за инженери во Македонија – МИМ. Оваа школа ќе биде единствена од ваков тип не само во Македонија туку и во регионот, со оглед на тоа што опфаќа специфична целна публика – инженери од сите области кои имаат потенцијал и јасна визија да се насочат кон менаџерски и лидерски позиции. Програмата се однесува на професионален развој за менаџмент во инженерството и лидерски вештини и е специјално креирана согласно потребите кои ги имаат инженерите кои сакаат своето постојно искуство да го надградат со фокусирано знаење.
Програмата се состои од девет модули, кои се поделени на две нивоа, индивидуално и организациско и се однесуваат на личен и професионален развој. Моделите ќе бидат водени од експерти во своите области од Македонија и од Европа. Секој модул ќе биде комбинирано учење – комбинација на е-учење и учење во училница, со учење насочено кон ученикот. Менаџерската школа ќе започне во септември 2016 година, кога 20 инженери ќе добијат можност бесплатно да бидат дел од првата група на инженери кои ќе се стекнат со знаење за менаџмент во инженерството и лидерски вештини.
Со успешно завршување на менаџерската школа за инженери, учесниците ќе се стекнат со меѓународен сертификат издаден од најдобрите тренинг центри од Австрија и Полска. Оваа менаџерска школа е дел од проектот Курсеви по менаџмент и лидерски вештини за инженери финансиран од ЕУ програмата Еразмус+ за градење Стратешки партнерства во областа на образованието на возрасни.