Пропадна првиот обид за пронаоѓање на инвеститор кој би градел голф терени во Општина Зелениково. Локалната самоуправа денеска ја објави втората по ред постапка за воспоставување на јавно-приватно партнерство за изградба, оперирање, управување и одржување на предвидениот спорско-рекреативен центар. Идниот инвеститор ќе го добие под концесија спортскиот комплекс во временски период од 30 години. Локалната власт проценила дека концесискиот договор за реализација на голф терените би бил со вредност од 70.226.864 денари.
Пристигнатите понуди од инвеститорите е планирано да се оценат врз основа на три критериуми. За висината на годишниот концесиски надомест ќе се доделат максимум 40 бода, додека бројот на вработувања според предложениот бизнис план и бројот на легла во сместувачките капацитети ќе се вреднуваат со по максимум 30 бода. Општина Зелениково очекува инвеститорите заинтересирани за изградба на комплексот да ги достават своите понуди најдоцна до 30 јуни.