Општина Центар инвестира во ново зеленило и детски игралишта на просторот околу Градски ѕид во центарот на Скопје. На локацијата позади Домот на градежните работници веќе се завршени работите за изведба на игралиштето и за зазеленување на околниот простор. Старото игралиште е заменето со ново, поставена е нова урбана опрема, а за одржување на обновеното зеленило е инсталиран систем за полевање. Локалните власти планираат да организираат чуварска служба, која деноноќно ќе се грижи за заштита на околниот простор од несовесни граѓани.
Целокупната третирана површина со проектот изнесува 5.000 метри квадратни. Обновата на зеленилото опфаќа листопадни и зимзелени дрвја, грмушки и украсни дрвја. Од Општина Центар потенцираат дека во наредниот период ќе се интервенира на уште четири други локации околу Градскиот ѕид. Предвидено е да се изведат детски игралишта за најмладите центарци и да се обнови и постоечкото зеленило.