Изградбата на спомениците Воин на коњ, Воин, Цар Самоил и споменикот на Методија Андонов-Ченто ќе бидат предмет на нова истрага од страна на Специјалното јавно обвинителство. Во официјална изјава за неколку македонски медиуми, од СЈО денеска потврдија дека почнуваат истрага за четирите предмети од владиниот проект „Скопје 2014“, кои во моментов се наоѓаат во предистражна постапка. Обвинителите од СЈО подигнале материјали и докази од скопската општина Центар, врз чија основа по доаѓањето на новиот градоначалник Андреј Жерновски беа изготвени два ревизорски извештаи за уделот на општина Центар во проектот „Скопје 2014“.
Првиот човек на општина Центар пред неколку дена ја потврди информацијата дека СЈО побарала од оваа локална самоуправа податоци за „Скопје 2014“, и тоа две и пол години откако Јавното обвинителство не отвори предмет за сите неправилности што ја прателе владината идеја за урбанистичкото преструктурирање на центарот на Скопје. „Од Специјалното јавно обвинителство добив писмо дека тие работат на 4 предмети за „Скопје 2014“. Дојдоа во општина Центар и ги добија сите неопходни докази и материјали. Затоа сум оптимист дека СЈО брзо ќе го сработи предметот за криминалот во „Скопје 2014“, истакна градоначалникот Андреј Жерновски.
На официјалната веб-страница на општина Центар веќе три години по ред стојат двата ревизорски извештаи за вклученоста на општина Центар во проектот „Скопје 2014“. Ревизорите Слаѓана Тасева и Драган Малиновски открија бројни неправилности во реализацијата на цели зданија од владиниот проект. „Постапката за изработка на спомениците и скулптурите од проектот Скопје 2014, а кои се реализирале преку општината Центар, е спроведена со сериозно прекршување на Законот за јавни набавки“, се наведува во еден од заклучоците. Само по основ на изработката на спомениците, ревизорите пресметале дека буџетот на општина Центар е оштетен со фрапантна сума од околу 8.000.000 евра. Истовремено, ревизорите откриле дека оваа локална самоуправа немала ниту надлежност за изведба на ваков тип на објекти.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk