Претходна статија
Избрани идејни решенија за уредување на плоштадот во Крива Паланка
Следна статија
БИМАС 2016 до крајот на мај ќе ја третира темата „Рециклирана архитектура“

ТЕМА: Хронично доцнат крупните енергетски проекти во Македонија

Објавено на 17.05.2016 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Додека ЕЛЕМ се обидува да пронајде изведувач за „Рајски парк“ во скопската општина Аеродром, низ целата земја има хронично доцнење на крупните енергетски проекти ветени од сегашното државно раководство. Во 2013 година беше презентирана Стратегија за развој на енергетиката во Република Македонија за периодот 2013-2017 година. Тогашните проекции беа дека на земјава и се потребни 1,26 милијарди евра за реализирање на неопходните енергетски проекти. Од тогаш до денес, единствено е пуштена во употреба ветерната електрана „Богданци“. Сите останати објекти хронично доцнат по неколку години од нивната реализација. Во продолжение, следува преглед на сето она што е неостварено во изминатиов период:

 

 

1. ХЕ „Бошков мост“ е заглавен проект повеќе од пет години

 

ЕЛЕМ на 10 ноември 2011 година потпиша договор за подигање кредит од Европската банка за обнова и развој за изградба на хидроелектраната „Бошков мост“. Тогашното ветување на државната енергетска компанија беше дека градежните работи на проектот ќе започнат во вториот квартал од 2012 година, со план хидроелектраната да биде пуштена во употреба во 2016 година. Од денешна перспектива, овој енергетски капацитет не само што не е започнат со градење, туку во моментов е предмет на жестока критика на домашни и меѓународни еколошки организации.

 

Пред само неколку дена, Управниот суд го поништи решението на Државната Комисија за одлучување во управна постапка со кое се одбива жалбата против издадената еколошка дозвола за проектот. На тој начин, издадената еколошка дозвола од Министерството за животна средина и просторно планирање е ставена под знак прашање.

 

 

2. Реализацијата на „Луково поле“ доцни четири години

 

Државната енергетска компанија пред четири години вети дека акумулација „Луково поле“ ќе биде изградена најдоцна до 2016 година. Плановите беа финансиските средства во најголем дел да се обезбедат преку кредит од Светската банка. „По успешното завршување на фазата на ажурирање на проектите и подготовка на соодветна техничка документација за меѓународен тендер за градежни работи за изградба на проектот „Луково поле“, која трае една година, односно до септември 2012 година, предвидено е да отпочнат главните градежни работи и изградбата, која треба да заврши до крајот на 2016 година“, соопштија од ЕЛЕМ на 30 август 2012 година. До денешен ден не е ниту започната изградбата на овој енергетски капацитет, ниту пак е распишан тендер за реализација на проектот.

 

 

3. ТЕ „Неготино“ тапка во место уште од 2008 година

 

Македонската влада најавуваше рестартирање на термоелектраната „Неготино“ уште од 2008 година. Извршната власт пред седум години објасни дека ќе се гради нова термоелектрана во неготинскиот регион, во која би се инвестирале 400 милиони евра. Откако не беше остварена во реалноста, владата во 2012 година повторно се наврати на идејата за пренамена на постоечката термоелектрана во електрана на природен гас. По четири години опстојување на оваа идеја, ЕЛЕМ годинава повторно распиша тендер за подготовка на префизибилити студија во однос на изградбата на нова термоелектрана во неготинскиот регион.

 

 

4. Шест години се чека на соларната електрана во Битола

 

Уште во 2010 година започна изработката на физибилити студија за изградба на соларна електрана во битолскиот регион. За крупниот проект беше ангажирана француската консултантска компанија SOGREAH – Carbonium. Мега-инвестицијата предвидува 390.000 метри квадратни од пелагонискиот регион да бидат прекриени со фотоволтаици, кои би можеле да произведуваат 225 мегавати електрична енергија, моќност еквивалентна на еден блок од РЕК „Битола“. Последната информација за овој проект беше објавена на почетокот од јули 2012 година, по што се губи секаква трага од идејата да се изгради една од најголемите соларни електрани во поширокиот балкански регион.

 

 

5. Хидроелектраните „Чебрен“ и „Галиште“ оставени на хартија со децении

 

И по 12 објавени тендери за пронаоѓање на приватен партнер, македонската влада не успеа да пронајде адекватен начин за изградба на двете хидроелектрани „Чебрен“ и „Галиште“. Значајниот енергетски проект се развлекува уште од периодот на поранешна СФР Југославија. Во моментов тече 12-от по ред тендер за избор на концесионер што ќе се фати во костецот со изградбата на енергетските капаците, во замена за нивното управување. Резултатите од најновиот тендер остануваат непознати до денешен ден, но оптимизмот на владата не спласнува.

 

 

6. Нејасна иднина за термоелектраната „Осломеј“

 

Термоелектраната „Осломеј“ во изминатиов период чека на реализација на крупни инвестиции за продолжување на нејзиниот работен век. Долга низа години наназад се најавуваат две опции што стојат на располагање за обезбедување на непречена работа на овој енергетски капацитет во наредните децении. Според првата опција, ЕЛЕМ треба да обезбеди континуиран прилив на јаглен со употреба на соодветни транспортни средства и рудници за јаглен надвор од земјава. Конкретни инвестиции во оваа насока засега не се воведени. Втората можност е да се инвестира во претворање на постоечката термоелектрана во комбинирана гасна електрана со инсталирана моќност од 375 мегавати. Користењето на природниот гас од ТЕ „Осломеј“ во моментов се граничи со фантазија, ако се земе во предвид фактот дека државата досега обезбеди финансиски средства единствено за магистралниот гасовод Скопје – Тетово – Гостивар, кој треба допрва да се изведува.