Македонските градежни компании се насочени кон работење на домашниот пазар. Зделките во странство се непримамливи за нивната деловна активност, многу често не можат да ги исполнат строгите критериуми на големите тендери, а понекогаш и инвеститорите од други земји веќе не ги бараат како партнери при позначајните градителски проекти. Според податоците на Државниот завод за статистика, во периодот јануари-март 2016 година за 18,2% е намалена вкупната вредност на договорените градежни работи во странство, или изразено во бројки, склучените зделки за изведба надвор од нашата земја се со вредност од 2.547.838 илјади денари.
Во првиот квартал од 2016 година е регистриран огромен пад и кај реализираните градежни активности на странските пазари. Нашата оператива во странство извршила градежни работи во вкупна вредност од 147.748 илјади денари, што е за 66,2% помалку во споредба со истиот период од претходната година. Погледнато по земји, зголемен обем на работа за македонските градежници имало на пазарите во Албанија и во Германија. Во сите други земји е намалена бројката на реализирани градителски проекти од македонските компании.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk