Скопската општина Карпош денеска им врачи паричен „поврат“ на пет инвеститори во енергетски ефикасни објекти на нејзината територија. Станува збор за финансиски средства во износ до 20% од уплатените комуналии во општинската каса, што ќе треба да претставува стимул и за останатите субјекти да инвестираат во енергетската ефикасност. „Во зависност од тоа каква изолација имаат вградено објектите, какви прозори имаат ставено, дали се тие енергетско-ефикасни, со низок коефициент на пропустливост на топлина, дали користат обновливи извори на енергија, и натаму какви потрошувачи имаат внатре во самиот објект, следи и процентот на поврат на таксите платени од локалната власт“, образложи градоначалникот на општина Карпош Стевчо Јакимовски.
Од Општина Карпош сметаат дека ваквиот проект треба да претставува пример и поттик за останатите локални самоуправи, но и за надлежните министерства, во насока на поддршка на објектите со применети стандарди за енергетска ефикасност. Во периодот од 2012 до 2014 година на територијата на Општина Карпош се изградени 244 енергетско ефикасни објекти, од кои 117 се од класите А и Б.