„Иднината е во нас, односно во вас – младите студенти, кои треба да се обидат да го одбранат брутализмот во Скопје“, истакна полскиот архитект и критичар Томаш Малковски на денешното предавање „Трите тигри и брутал“, кое што денеска се одржа на Архитектонскиот факултет во Скопје. Архитектот Малковски посочи дека со уништувањето на брутализмот како архитектонски правец во македонската метропола ќе се изгуби и симболот на самиот град. Признатиот полски пропагатор на архитектурата појасни дека професионалната фела, но првенствено помладите архитекти, треба да се обидат да организираат континуирана кампања за будењето на свеста помеѓу граѓаните, со што би се понела победа во одбраната на архитектонското наследство.
Архитектот Малковски во своето предавање се задржа и на историјата на брутализмот како архитектонски стил, посочувајќи ги актуелните опасности пред кои се наоѓаат овие објекти во некои европски земји. Особен осврт во своето обраќање тој придаде на архитектонските творби на полските тигри – архитектите Вацлав Клишевски, Јежи Мокшињски и Еугењуш Вјежбицки како симболи на современата архитектура на оваа земја. Притоа, архитектот Малковски говореше за вредностите вткаени во зданието на Музејот на современа уметност во Скопје, кое пред точно 50 години беше избрано како авторски труд на анонимниот Конкурс организиран од Здружението на полските архитекти.
Пред предавањето, свое воведно обраќање одржа и деканот на Архитектонскиот факултет, Минас Бакалчев. Тој се задржа на значајноста што со себе ја носи објектот на Музејот на современа уметност за развојот на архитектонската мисла во земјава. „Јас сум учел и архитектура и уметност од таа зграда“, посочи професорот Бакалчев.
По одржаното предавање, на Архитектонскиот факултет беше свечено отворена и изложбата „Варшавските тигри во Скопје“. Денешниот настан беше организиран од Амбасадата на Република Полска во Македонија и од Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
Текст, фото:
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk