Рехабилитацијата на магистралниот пат Битола – Ресен – Буково во должина од 27 километри ќе биде комплетирана до крајот на 2016 година. Проектот се одвива во согласност со предвиденото темпо и се очекува градежните работи на првите седум километри да завршат за еден месец. Во моментов се врши асфалтирање на дел од трасата, на која изведбените активности започнаа во септември минатата година. За комплетирање на проектот се ангажирани две македонски компании – „Гранит“ од Скопје и „Илинден“ од Струга.
* Патот Битола - Ресен пред реконструктивниот зафат
За реконструкција на магистралниот пат од Битола до Буково се предвидени 6.000.000 евра. Потребните финансии се обезбедени преку кредит од Светската банка. Санацијата на оваа патна делница се врши по три и пол децении од нејзината последна обнова. Проектната документација за санациониот зафат ја подготви Градежниот институт „Македонија“.