Претходна статија
Бесплатни имотни листови ќе се добиваат за 29 катастарски општини
Следна статија
Купувањето велосипед ќе биде субвенционирано од Општина Центар

Прилепските компании чекаат природен гас од државата

Објавено на 04.05.2016 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Природниот гас ќе пристигне во Прилеп за две години. Овие оптимистички прогнози денеска ги изнесе директорот на „Македонски енергетски ресурси“, Крсте Миладинов при посетата на прилепските компании. Стопанствениците од овој град треба да бидат првите корисници на овој енергент на потегот од Неготино до пелагонискиот регион. Првиот човек на МЕР посочи дека магистралниот гасовод од кумановското село Клечовце до Штип веќе е комплетиран, а набргу ќе почне изградбата и на преостанатите три делници низ градовите во земјава.

 

 

 

Од МЕР велат дека граѓаните на Прилеп и на останатите градови ќе имаат можност да обезбедат приклучок кон гасоводната мрежа за симболична цена од 6.000 денари. Заедно со нив, стопанствениците од градот ќе имаат можност поекономично и поефикасно да работат со употребата на природниот гас во производствениот процес. Пред неколку недели, „Македонски енергетски ресурси“ го избра конзорциумот предводен од фирмата „Рапид Билд“ за изведувач на гасоводот Штип-Неготино. Тендерската постапка за изградба на гасоводот Неготино-Прилеп-Битола беше објавен кон средината на март годинава, при што компаниите заинтересирани за учество во тендерската постапка имаат рок до 12 мај за да ги достават своите понуди.

 

За изградба на магистралниот гасовод од Неготино до Битола се обезбедени средства преку кредит од германските Дојче Банка и Ерсте Банка во висина од 90 милиони евра. Проценките се дека гасоводот долг 92 километри ќе чини над 42 милиони евра.