Македонските градежници се оптимисти за натамошниот развој на градежниот сектор во земјава. Според оценката на раководителите на деловните субјекти од областа на градежништвото, индикаторот на доверба во првото тримесечје од 2016 година е зголемен за 0.8 процентни поени во однос на претходното тримесечје, а за 1.6 процентни поени е зголемен во однос на истото тримесечје од 2015 година. Очекувањата за вкупните порачки за градежни работи се поповолни, како и очекувањата за бројот на вработени во наредните три месеци.
Оценките за економската состојба во првото тримесечје од 2016 година се поповолни во однос на претходното тримесечје, а поповолна е и во однос на периодот јануари-март 2015 година. Оценката за финансиската состојба и оценката за тековната состојба со договори на нивните деловни субјекти се поповолни во споредба со претходното тримесечје. Во наредниот период се очекува продажните цени да се зголемат, а бројната состојба и квалитетот на механизацијата и опремата во првото тримесечје од 2016 година се над нормалата.
Македонските градежници сметаат дека ограничувањето за подобрување на тековните градежни активности се должи првенствено на: зголемените трошоци за материјали (22%), зголемените финансиски трошоци (19,4%), недостигот на обучен кадар (12,9%) и зголемените трошоци за труд (12,5%).