Искра надеж за реализација на долгонајавуваните енергетски проекти „Чебрен“ и „Галиште“. Вкупно 20 компании пројавиле интерес за проектирање, изградба и концесионирање на двете хидроелектрани, со тоа што подигнале документација за учество на тендерот. Од сите овие фирми, Министерството за животна средина и просторно планирање ќе побара да достават предлог за техничко решение за искористување на хидро потенцијалот на Црна Река. Врз основа на доставената документација, најсоодветното техничко решение за проектот ќе биде избрано за понатамошни анализи. Заинтересираните компании треба да пројават интерес за реализација на енергетските капацитети најдоцна до 25 јули.
Големиот број на компании што подигнале документација за двете хидроелектрани не значи дека по автоматизам ќе се достават многу финални понуди за изградба на хидроелектраните „Чебрен“ и „Галиште“. Објавениот јавен повик треба да и претходи на натамошната постапка, во која ќе биде публикуван 12-от по ред тендер за пронаоѓање приватен партнер при инвестирањето во овие енергетски објекти. Само една компанија во изминатиов период јавно ги обелодени своите намери за учество во проектот за изградба на хидроелектраните „Чебрен“ и „Галиште“. Директорот на италијанската компанија „Кондоте“, Дуро Асталди во јануари годинава најави дека е заинтересиран да вложи во двата инфраструктурни капацитети.
Условите за избор на најповолен концесионер за новиот тендер треба допрва да бидат соопштени од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање. Во изминативе години се организираа дури 11 тендери за изведба на двете хидроелектрани, но ниту еден од нив не беше комплетиран со избор на приватен концесионер. Според податоците од документацијата изготвена пред неколку години, проектираната моќност на ХЕ „Чебрен“ треба да изнесува помеѓу 315 и 333 мегавати, а на ХЕ „Галиште“ би се движела помеѓу 185 и 197 мегавати.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk