Македонската компанија „Алкалоид“ денеска го пушти во употреба новиот „Центар за контрола на квалитетот“ во Скопје. Во современиот објект со површина од 3.000 метри квадратни се инвестирани над 5.000.000 евра. Во новоизградените простории ќе се врши контрола на суровини, контактна и секундарна амбалажа, контрола на фазно производство и готовo производство, микробиолошка контрола и стабилност на фармацевтски производи, валидациони активности и мониторинг и изработка на аналитичка документација за регистрационите активности за фармацевтските производи. Центарот е опремен со високо софистицирана опрема од реномирани светски производители.
Според информациите на генералниот директор на „Алкалоид“ Живко Мукаетов, во центарот за контрола на квалитетот ќе бидат вработени над 100 високо стручни извршители, од кои 70% е предвидено да се лица со високо образование. Новата инвестиција ја потврдува стратешката определба на компанијата за производство на квалитетни, ценовно достапни, безбедни и ефикасни лекови изработени во согласност со најстрогите светски стандарди.