Градежната компанија „Бетон АД Штип“ планира да го продаде друштвото за градежништво, инженеринг трговија и услуги „Омега билдинг“ за почетна цена од 4,5 милиони евра, што е 25,9% од неговата книговодствена вредност според последната ревидирана завршна сметка. Зделката треба да ја одобри Собранието на акционери на „Бетон АД Штип“ закажано за мај годинава, по што продажбата на уделите ќе се изведе преку прибирање понуди од заинтересирани купувачи. Се планира продажбата да се реализира до крајот на годинава.
Штипски „Бетон“ е целосен сопственик на „Омега билдинг“ од 2013 година, кога го купи друштвото за 4 милиони евра од тогашните сопственици, фирмите „Ексико“, „Тим“, „Искра ММ“ и „Матиќ Инженеринг“. Зделката се оствари набргу откако самата штипска фирма доби нови газди, односно откако фирмите „Орка Холдинг“, „Тим“ и „Езимит“ купија 51,2% од акциите на „Бетон АД Штип“ за 755 илјади евра.