Општина Куманово денеска ја започна изградбата на новиот отворен базен, кој ќе биде во состав на рекреативниот комплекс на затворениот базен. Отворениот базен ќе се простира на површина од 550 метри квадратни, со капацитет да прими 200 лица. Покрај базенот, со проектот се предвидени и придружни содржини, соблекувални, ресторан и уреден простор за лежалки. Целиот околен простор кај спортската сала во Куманово ќе биде хортикултурно уреден, а ќе биде реконструиран и постојниот паркинг простор. Изградбата на отворениот базен треба да заврши до средината на јуни годинава.
* Извор на фотографии: Општина Куманово
Покрај информации за отворениот базен, кумановскиот градоначалник Зоран Дамјановски вчера изврши увид во изведбата на затворениот базен, кој се градеше во изминативе три години. Тој информираше дека објектот ќе биде завршен до крајот на јуни, со исклучок на комерцијалниот дел, кој дополнително ќе биде даден на лицитација. Просториите за комерцијални намени предвидуваат отворање на нов хотел, ресторан, спортски продавници, додека во подрумските простории е можна изведба на СПА-центар. Објектот има вкупна површина од 4.000 метри квадратни. Градоначалникот Дамјановски посочи дека вкупната вредност на целиот спортски комплекс изнесува околу 200.000.000 денари, кои без помош од државата се обезбедени исклучиво од општинскиот буџет.
„Имаме вградено најсовремена техника во однос на затоплување со сончева енергија, гасна енергија и климо-комори кои од пареата прават струја. Имаме најсовремена опрема за техничка обработка на вода, озонска обработка на вода, нема да има хлорирање. Ставивме техника која е трендовска, која е најмодерна и која во моментов дава најголема сигурност за квалитетот на водата“, изјави градоначалникот Дамјановски. Воедно, тој денеска побара државата да ја врати во владение спортската сала на Општина Куманово за да може истата да биде реновирана од страна на локалната самоуправа.