Претходна статија
Се работи на проект за адаптација на арената „Филип Втори“ за УЕФА Супер Купот
Следна статија
Општина Битола сама ќе го доградува битолскиот стадион

Се проблематизира тендерот за изградба на браната „Конско“

Објавено на 05.04.2016 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Изборот на градежна компанија за изградба на браната „Конско“ е под лупа на дополнителниот заменик – министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски. На денешната прес – конференција тој спомена дека постапката за изградба на инфраструктурниот објект била спроведена со многу неправилности, нејаснотии и сомнителни одлуки за проектот вреден 33 милиони евра. „Прво, незаконски се објавува оглас без да биде обезбедено одобрение од Владата за повеќе годишно финансирање, што е законска обврска. Постапката е почната 2013 година а еве го одобрението кое е обезбедено пред само неколку дена, дури на 29.03.2016 година“, посочи Љупчо Николовски.

 

Тој дополни дека Комисијата за јавни набавки во министерството уште во првата фаза со извештај до министерот Цветков дала предлог да се поништи постапката за доделување на договор за јавна набавка. Дополнителниот министер Николовски истакнува дека во тендерската документација за првата фаза од изградбата на браната „Конско“ се вели дека периодот на изградба ќе биде 2 години и 8 месеци, додека во огласот објавен на Електронската станица за јавни набавки е наведен период од 60 месеци. Сите овие неправилности биле констатирани и од Државната комисија за жалби по јавни набавки, која предложила поништување на тендерската постапка.

 

„Скандалот добива своја кулминација во Втората фаза од постапката кога се доставуваат финансиските понуди и на 02.03.2015 година се носи одлуката за избор а тоа е турската фирма СЕРКА ТААХУТ ИНСААТ А.С. со понуда од околу 22 милиони евра без ДДВ. Подоцна поради сите неправилности, Државната комисија за жалби по јавни набавки ја поништува оваа фаза од постапката“, истакнува дополнителниот министер Николовски. Но, според него, наместо да се поништи огласот, ова министерство ја искористило можноста да ги повика пријавените компании повторно да достават финансиски понуди од истите понудувачи. „Скандалот да биде поголем и овојпат овој огромен тендер го добива истата турска компанија, но сега за истата работа дава понуда од над 33 милиони евра без ДДВ“, посочува Николовски.

 

Дополнителниот министер Љупчо Николовски и опозициската партија СДСМ денеска побараа спроведување на нов тендер за изградба на браната „Конско“ во гевгелискиот регион. Тие бараат ефикасно да се користат средствата на граѓаните од државниот буџет, но и да одговараат сите оние што го прекршиле законот. На ваквите обвинувања одговорија со соопштение од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, во кое тврдат дека нема ништо незаконско во тендерската постапка и дека не се надминати предвидените средства за градење на проектот.

 

Од министерството велат дека со негативна електронска аукција е постигната пониска цена од планираната. „Министерството за земјоделство има одобрение од Владата добиено преку десетгодишната Програма за инвестирање во водостопанство со акционен план каде што се предвидени средства за изградба на оваа брана. Бидејќи договорот за изградба на оваа брана се уште е неактивен, а неговото започнување се очекува до крајот на 2016 година, министерството побара повторна потврда од Владата за одобрување финансиски средства за реализација на овој проект“, се нагласува во соопштението на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

 

Ветувањето за изградбата на браната „Конско“ се влече како проект низ владините институции долги години наназад. Со планираната брана висока 78,5 метри и долга 331 метри треба да се реши проблемот за наводнување на 8.000 хектари земјоделски површини на југот на нашата земја.