Парковите низ македонските градови ќе добијат фитнес зони. Оваа идеја на поранешниот премиер Никола Груевски презеде обврска да ја реализира Агенцијата за млади и спорт. Денеска беше распишан оглас за избор на фирма што ќе ја постави спортската опрема на отворено, во парковите низ земјава. Според информациите објавени од Бирото за јавни набавки, предвидено е да се изведат вкупно 20 фитнес зони, а проценките се дека од државниот буџет за оваа намена ќе се потрошат околу 650.000 евра. Во парковите би се поставиле фитнес справи, првенствено за рекреација на помладите граѓани.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ ја најави оваа мерка кон крајот на јануари годинава. Истата треба да почне да се реализира од октомври. Рокот за целосна реализација на проектот е 36 месеци. За разлика од кај нас, вакви проекти во развиените земји се реализираат исклучиво на локално ниво од страна на самите општини, кои директно се задолжени за уредување на парковските површини на својата територија.