Градежната јама за двата „барокни“ факултети во Универзитетскиот центар во Скопје е ископана. Извршната власт побрза да направи дупка за новите згради на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) и на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје. На тој начин, последната шанса за реализација на студентски културен центар од проектот за Универзитетскиот центар на архитект Марко Мушич е збришана под налетот на „Скопје 2014“. Изворното идејно решение изработен уште пред четири децении предвидува во кампусот на УКИМ да се издвои простор за развој на културно-уметничкиот живот на студентите.
И додека владиниот проект „Скопје 2014“ голта нови простори од централното градско подрачје на македонската метропола, градовите од балканскиот регион им нудат адекватен простор за изразување на креативноста на идните интелектуалци. Белград, Букурешт, Љубљана, Загреб и други балкански метрополи веќе неколку децении наназад ги имаат вклопени студентските културни центри во урбанистичкиот развој на своите места. Во секој од овие центри, постојат кино сали за проекција на филмови, концертни сали за гостувања на музички групи, сали за одржување на театарски претстави и перформанси на студентите, како и адекватни простори за одржување на дебати и собири на студентската јавност.
Единствената шанса што Скопје ја имало за развој на едно вакво културно средиште е проектот за Универзитетскиот кампус при УКИМ. Во согласност со изработениот проект на архитект Марко Мушич, на просторот спроти трговскиот центар „Мавровка“ била планирана изведба на студентски културен центар и простор за организирање на настани, и тоа на онаа иста локација каде во моментов се градат два нови објекти од проектот „Скопје 2014“. Станува збор за зацртани објекти и програми околу Академскиот плоштад, кој бил предвидено да се гради на западната страна од постоечката зграда на Ректоратот. Освен ова здание, во периодот на постземјотресно Скопје се изградени објектите на правниот, филозофскиот и на економскиот факултет. Идејата на архитект Мушич за издигнување на студентски културен центар до денешен ден не е реализирана.
Освен во главните градови, околните балкански земји имаат издигнато ваков вид на објекти и во помалите градски средини. Па така, студентски културни центри во соседна Србија постојат во поголемите градови, како што се Ниш, Крагуевац и Нови Сад. Просторот наменет за организирање настани за студентите во романската метропола е основан во далечната 1937 година. На Универзитетот „Александру Јоан Куза“ во романскиот град Иаси пред неколку години била изработена проектна документација за осовременување на просториите на тамошниот студентски културен центар. По правило, овој вид на културни институции ги основаат водечките државни универзитети, во соработка со тамошните министерства за култура и за образование.
И додека во околните студентски центри на Балканот се развива вистински студентски живот, на парцелата спроти трговскиот центар „Мавровка“ забрзано се работи на изградбата на двата нови факултети. На планираниот простор за културно воздигнување на македонските студенти се гради „барок“. Министерството за образование и наука планира да потроши 20 милиони евра во тековниот градежен зафат. Со проектот ќе се издигнат два објекти со површина од 11.238 метри квадратни. Автор на архитектонскиот труд за овие зданија е Жарко Чаушевски, додека на терен работите ги изведува градежната компанија „Бетон“ од Штип. И покрај неколкумесечното барање на универзитетски професори од „Професорскиот пленум“ за одржување на вонредна Седница на Сенатот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, до денешен ден професорите од скопскиот универзитет немаат дискутирано за изградбата на двата „барокни“ факултети во нивниот двор.
Покрај локацијата во Универзитетскиот кампус, Министерството за образование и наука имало можности во неколку наврати да ги изгради двете факултетски згради на други локации во Скопје, вклучувајќи ја и парцелата во населбата Водно. На оваа локација во моментов се наоѓа Факултетот за физичко образование, спорт и здравје. До денес останува нејасно зошто не се искористени овие шанси. Словенечкиот архитект Марко Мушич во разговорот за „Билд“ пред три месеци посочи дека никој не го известил дека ќе се градат други објекти во склоп на просторот што го опфаќа Универзитетскиот центар. Тој посочи дека ваквото однесување е неприфатливо во однос на почитувањето на основниот концепт на Универзитетскиот центар „Св. Кирил и Методиј“.
Текст и фото: Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk