Претходна статија
Општина Аеродром: Новите маркички се на место на трошни куќи и запуштени простори
Следна статија
Молк од министерот Зоран Ставрески за новото училиште во Капиштец

Колку чини гасификацијата на Македонија?

Објавено на 22.03.2016 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Опозициската партија СДСМ денеска излезе со соопштение во кое прашува за тоа како е можно магистралниот гасовод Клечовце – Штип да чини неколкукратно повеќе од идната гасоводна линија Неготино – Кавадарци – Битола. Социјалдемократите тврдат дека гасоводот долг 61 километар чини 75,7 милиони долари, односно 1,24 милиони долари за еден километар. „Ставрески најави нова делница Неготино – Кавадарци – Битола во должина од 92 километри, што би чинела половина од цената за делницата Клечовце – Штип, или 400.000 евра за километар. Како е можно делницата Клечовце – Штип којашто е за 30 километри пократка од делницата Неготино – Кавадарци – Битола да чини двојно повеќе“, прашуваат од СДСМ.

 

 

 

Од СДСМ тврдат дека делницата од кумановското село Клечовце до Штип минува низ благ терен, додека делницата од Неготино до Битола е подолга и потешка за изведба поради тешкиот терен. Реакцијата на водечката опозициска партија доаѓа откако „Македонски енергетски регурси“ пред неколку дена го објави тендерот за изградба на магистралниот гасовод од Неготино до Битола. Овој инфраструктурен објект е проценет на над 36 милиони евра, без вклучен ДДВ.

 

Од владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ денеска излегоа со реакција на соопштението на СДСМ. Тие тврдат дека гасификацијата на Република Македонија била ставена како приоритет и веднаш по нивното доаѓање на власт започнале преговорите со Руската Федерација за реализација на клириншкиот долг преку изградба на гасоводот. „Во однос на цената, СДСМ директно манипулира, бидејќи не кажува дека гасоводот од Клечовце до Штип го гради Руската Федерација по европски цени, со увезени материјали за кои се плаќа царина, данок и сите други давачки во Република Македонија“ посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

 

Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека ист инфраструктурен објект како што е гасоводот Клечовце – Штип чини од 700 илјади евра до милион и сто илјади за километар. Владејачката партија нагласува дека магистралната линија од Штип до Неготино ќе се гради со домашни материјали и опрема, во кои нема да бидат вклучени царина, даноци и други давачки.

 

 

» Форумска дискусија за гасификацијата на Македонија