Тринаесет компании здружени во четири конзорциуми доставиле понуди за изградба на магистралниот гасовод Скопје – Тетово – Гостивар. Тендерот за гасоводот со должина од 76 километри беше објавен кон крајот на јануари, а крајниот рок за поднесување на понудите истече на 10 март. Од Македонски енергетски ресурси (МЕР) најавуваат дека најповолниот понудувач ќе биде избран во наредните два месеци. Проценетата вредност на гасоводот е 30,8 милиони евра. Градежните работи треба да се комплетираат во период од 36 месеци по изборот на изведувачот на проектот.
Од МЕР информираат дека седум компании доставиле понуди на тендерот за гасоводот Штип – Неготино со должина од 36 километри. Тендерот беше распишан кон крајот на 2015 година, а предвидените финансии за проектот изнесуваат околу 19 милиони евра. Покрај за оваа гасоводна магистрала, државната компанија планира до април годинава да објави тендер за изградба на магистралниот гасовод Неготино – Битола.
За реализацијата на сите три магистрални гасоводи се обезбедени средства преку подигнатиот кредит во висина од 90 милиони евра од германските Дојче Банка и Ерсте Банка. Покрај идните проекти од областа на гасификацијата, годинава е предвидено да се пушти во употреба гасоводот од кумановското село Клечовце до Штип.