161.277.379 денари ќе се потрошат за довршување на изградбата на административната зграда на Електрани на Македонија, лоцирана спроти хотелот „Бристол“ во Скопје. За сите досегашни фази од изведбата на овој објект од проектот „Скопје 2014“ се издвоија околу 17,4 милиони евра. На зданието во моментов се изведува „класицистичката“ фасада, која вклучува поставување на триумфална капија и скулптури на зградата. Надворешниот дизајн на објектот треба да биде изработен во согласност со победничкото идејно решение на Лазар Димов, Жарко Чаушевски и Стефан Смилевски. Градежните и градежно – занаетчиските работи ќе ги изведува Друштвото за производство, трговија и услуги „ОЗОН“ од Скопје.
Според податоците од Бирото за јавни набавки, изградбата на административната зграда од 9.130 метри квадратни ќе продолжи во наредните шест месеци. Во овој временски период треба да се комплетира градежниот дел од објектот, по што ќе се пристапи кон опремување на внатрешните простории. Објектот со приземје, осум ката и поткровје се гради на местото на некогашниот парк со дрвја кај Музејот на град Скопје. Проектната документација ја изготви фирмата „Неимар Инженеринг“, додека изведбените работи на терен ги вршеше австриската фирма „Штрабаг АГ“.
Со најновиот договор на државната компанија Електрани на Македонија, цената на владиниот проект „Скопје 2014“ нарасна на преку 637.000.000 евра потрошени на објекти, фонтани, мостови, скулптури, споменици, плоштади и Панорамско тркало,
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk