Македонски железници – Транспорт се подготвува да ги пушти во употреба двете нови дизел моторни гарнитури на релација Скопје – Битола – Скопје, откако веќе е во сообраќај првиот воз на електрифицираната пруга кон Велес и Табановце. Единствениот проблем со кој ќе се судрат граѓаните е предвидениот возен ред за кинеските возови. Од Скопје до Битола се воведува ново поаѓање од 1:40 часот по полноќ, патнички воз кој во Битола ќе пристигнува во 4:30 часот наутро. Од Битола за Скопје, новата линија ќе тргнува во 20:50 часот, а во Скопје ќе пристигнува во 23:39 часот, односно во ноќен период кога нема јавен автобуски превоз во главниот град.
Покрај нелогичниот возен ред за патничките возови, од претстојниот понеделник ќе биде вратен во сообраќај деловниот воз на релација Скопје – Битола – Скопје. Поаѓањето од Скопје е секој ден во 17:10 часот, додека возот од Битола ќе поаѓа во 5:18 часот. Во новите гарнитури ќе биде воведена задолжителна резервација на место за седење. Покрај двата нови воза, граѓаните ќе можат и понатаму да ги користат постоечките три воза од Скопје за Битола, со поаѓања во 6:42, 14:30 и 20:12 часот.
Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека лани со воз патувале 1.022.000 патници, што претставува зголемување на бројот на патници од над 200.000 во споредба со 2014 година. Пред две години, Македонски железници оствари рекордно низок број на патници на годишно ниво. Минатогодишниот раст се должи првенствено на превозот на бегалците од Гевгелија до Табановце, кој се организираше со вонредни возови.
Со пристигнувањето на новите патнички гарнитури од Кина се очекува нормализирање на железничкиот сообраќај, кој во континуитет беше редуциран на релациите кон Кичево, Кочани, Битола и Гевгелија во изминативе години. Колку за споредба, пред пет години на релацијата Скопје – Кичево – Скопје сообраќаа по три пара возови дневно, а во моментов има само еден. За патување од Скопје кон Кочани пред пет години постоеја два воза дневно, додека во 2016 година сообраќа само еден.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk