Финансиските извештаи покажуваат позитивно работење на А.Д. „Карпош“ во текот на 2015 година. Според податоците од неревидираниот и неконсолидиран извештај, сеопфатната добивка на компанијата лани се зголемила за 213% во споредба со 2014 година и изнесува 18.806.000 денари. Оперативната добивка на фабриката „Карпош“ во 2015 година изнесувала 51.862.000 денари, што е за 84% повеќе во однос на периодот јануари – декември 2014 година.
Информациите од Македонска берза покажуваат дека главниот раст на вкупната добивка доаѓа од приходите од продажба (зголемување од 21%) и од останатите оперативни приходи (зголемување од 367%). Во делот на расходите, најголем раст е забележан кај трошоците за суровини и други материјали од 31%. Покрај долгогодишната производствена дејност, А.Д. „Карпош“ од Скопје минатата година беше вклучена и во делот на изведба на проекти, а во наредниот период најави дека ќе гради и нова еко-населба во општина Ѓорче Петров.