Претходна статија
„Скопски саем“ го продава земјиштето за мега - проектот „Ера Сити“
Следна статија
А.Д. „Карпош“ лани двојно ја зголемила вкупната добивка

ДЕБАТА: Урбанизмот заглавен во спрегата политика – капитал

Објавено на 02.03.2016 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Македонија треба да ги следи европските политики за планирање на просторот, а самата власт на државно и на локално ниво ќе мора да престане да го уништува оној јавен простор што е необновлив. Ова е главниот заклучок од денешната дебата на тема „ДУП – просторот од ресурс стана роб за продавање“, организирана во рамки на 13-тиот по ред Саем за градежништво што се одржува на Скопскиот саем. И покрај тоа што беа поканети од Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ), на настанот не присуствуваа авторите на актуелните урбанистички планови во Скопје, ниту пак претставници од Агенцијата за планирање на просторот.

 

 

 

Според зборовите на професорот Мирослав Грчев од Архитектонскиот факултет, проблемот со урбанистичкото планирање во рамките на македонското општество е подлабок отколку што се чини. „Нашата област – урбанизмот, просторот, архитектурата и изградбата, практично станаа средство за политичка агенда и манипулација, за една генерална политичка злоупотреба на струката. Според тоа, гледајќи го само симптомот, она што се случува со нашите згради, е повеќе или помалку, точно обратно од она што сме го учеле на нашите архитектонски школи“, посочува професорот Грчев.

 

Универзитетскиот професор напоменува дека главниот проблем лежи во државата, поточно во оние политичките актери што раководат со власта. Според него, проблемите со урбанистичкото планирање започнаа со системските промени на законската регулатива, меѓу кои се Законот за градење, Законот за градежно земјиште и Законот за сопственост и други сродни права. Проблемите водат потекло од 2001 година, кога е внесен членот 121 во Законот за сопственост, со кој се овозможува градење на објекти без одобрение за градење. Со тоа, потенцира професорот Грчев, се прекршува вековното правило дека со дивоградба не може да се стекне сопственост. „Прво се гради диво, без проект и без план на било чие земјиште, потоа се врши притисок, се корумпира општината за планот да се вклопи во урбанистичкиот план“, посочува професорот Мирослав Грчев.

 

Професорот Влатко Коробар од Архитектонскиот факултет понуди четири јасни постулати од кои треба да произлезат промените во урбанистичкото планирање. „Диференцираниот пристап е првата промена за која треба да се залагаме“, вели професорот Коробар. Тој потсетува дека планерската работа не треба да се сведува на гола формалност, туку треба да се земат во предвид своевидните карактеристики на секое населено место и да се инкорпорираат во урбанистичката документација. Како негативен пример спротивен на ова, професорот Коробар го наведува последниот владин проект за надградба на семејните куќи во сите општини, без притоа да се фрли поглед во состојбата со урбанистичката документација.

 

 

 

Втората препорака од професорот Влатко Коробар е да се изврши препознавање на оние делови од македонските градови, кои во даден момент го достигнале својот оптимален просторен развој. „Во нив не треба да се дозволи натамошно зголемување на густината на изграденост“, посочува тој. Наместо натамошно трупање на нови објекти во просторот, неопходно е да се заснова политика на зголемување на стандардот на јавните простори според принципот на степен на консолидираност на просторот.

 

Третата насока на дејствување на урбанистите за професорот Коробар е да се преиспита хиерархискиот модел, каде плановите од понизок ранг се зависни од плановите од повисок ранг, кои пак, најчесто се со постар датум. Следејќи го овој принцип, планерите не ги земаат во предвид барањата на жителите. „Потребно е реално оценување на проблемите на населбите, што ќе не доведе до решавање на вистинските проблеми“, истакнува професорот Влатко Коробар.

 

Четвртата можност за решавање на горливите урбанистички проблеми е заштитата на јавниот интерес при изработката на планската документација. Професорот Коробар констатира дека урбанистите мора да најдат компромис помеѓу приватните интереси на инвеститорите и јавниот интерес на сите граѓани. „Урбанистичкото планирање постои за да го заштити јавниот интерес“, потенцира тој.

 

Архитект Мартин Пановски на денешната дебата посочи дека македонските планери ја губат од предвид основната цел за изработка на еден урбанистички план – создавањето на подобар живот за граѓаните. А за да се следи овој принцип, најпрво треба да се усогласи содржината од бројните правилници, како и останатата законска и подзаконска регулатива. „Се појавува неусогласеност помеѓу самите општини, или меѓу општините и градот“, потенцира архитект Мартин Пановски. Како позитивен пример, тој ја посочи Италија, каде што има еден правилник на ниво на целата земја, како и локален правилник за едно населено место.

 

Според него, коруптивниот момент кај македонските општини се појавува поради фактот што речиси единствен приход им се комуналиите за градба. Следејќи ја потребата за пополнување на локалниот буџет, градоначалниците се ставени во ситуација да трагаат по инвеститори за големи згради. Од друга страна, истакнува архитектот Пановски, данокот на имот во земјава е смешно мал, а со тоа оваа ставка во нивните буџети е незначителна. На денешната дебата говореше и архитектот Дамјан Цингарски, во својство на претставник на Општина Центар. Тој испрати апел до граѓанскиот сектор да се вклучи во процесот на изработка на урбанистичката документација, но првествено во едукацијата на граѓаните за зголемување на нивното учество во процесот на донесување на регулативата.

 

Претседателката на Асоцијацијата на архитекти на Македонија, Сања Раѓеновиќ – Јовановиќ на дебатата посочи дека градските власти треба да понудат визија за развој на градот, а не да бидат кочница на развојот. „Не постои урбана политика во државата, со што се раѓа лоша архитектура и урбанизам“, вели Раѓеновиќ – Јовановиќ. На денешниот настан организиран од ААМ присуствуваше голем дел од архитектонската фела во земјава.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk