40 милиони евра се инвестираа во новата приватна болница „Филип Втори“ во скопската населба Карпош 3. По две и пол години минати во реализација на градежните работи, специјалната болница за хируршки болести денеска беше пуштена во употреба. Објектот е граден според најновите светски стандарди за изведба на еко – болница и располага со 12 амбуланти, 5 модуларни операциони сали и 128 болнички кревети. Во болницата е вградена најсовремена медицинска опрема, со апарати кои припаѓаат на smart технологијата. Приватната здравствена установа располага и со итна служба со возило за итна помош.
Болницата е изградена на парцела од 8.400 метри квадратни и има вкупна корисна површина од 17.000 метри квадратни, распоредени на приземје, нулти кат, три ката и посебен кат наменет за машинство. Околината е хортикултурно уредена, а засадени се и 20-тина палми. Градежните работи ги изведуваше фирмата „Модинг“ од Тетово, додека надзорот над работите го вршеше Градежниот институт „Македонија“.