Претстојната пролет ќе биде искористена за реализација на првата фаза од реконструкцијата на главната сообраќајница во населеното место Сарај. Градот Скопје минатата недела го потпиша договорот за санација на оваа улица во должина од 665 метри. Градежните работи на терен во наредните три месеци ќе ги изведе фирмата „Пелагонија“ од Гостивар. Првата фаза од проектот ќе се надоврзе на новоизградениот мост помеѓу општините Ѓорче Петров и Сарај и на веќе реконструираната траса до црквата во Сарај.
* Извор на фотографија: Град Скопје
За изведба на првиот сегмент од целокупната траса се издвоени 4.976.255 денари од буџетот на Град Скопје. Со санацијата ќе се промени постоечкиот асфалт на коловозот, а ќе се реконструираат и пешачките патеки долж улицата. Со проектот на Град Скопје е предвидена фазна реконструкција на главната сообраќајница во Сарај, на потегот од црквата „Св. Злата Мегленска“ до раскрсницата со магистралниот пат за локалитетот Матка и клучката Тетово. Тендерот за избор на најповолен понудувач беше објавен на крајот од декември 2015 година.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk