Градските власти планираат да ја уредат една од трите најпознати пештери во спелеолошкиот парк Кањон Матка. Деновиве беше распишан тендер за проектантско биро што ќе го изработи основниот проект, со вклучена ревизија на документацијата, за уредување на пештерата Убава. Градот Скопје планира да издвои над 250.000 денари за подготовка на неопходната документација. Огласот за изработка на основниот проект е отворен до 29 февруари.
Градот Скопје во изминатиов период инвестираше во реконструкција на пешачката патека од пештерата Врело до пештерата Убава. Истовремено, изработени се идејното решение и основниот проект за изведба на пешачки мост преку езерото Матка, со што е отворена можноста за изградба на пешачка врска што ќе ги доближи атрактивните пештери до посетителите на Кањонот.
Пештерата Убава се наоѓа на околу 100 метри над езерото, односно на 75 метри висинска разлика од спелеолошкиот објект Врело. Со уредување на локалитетот и со реализација на пешачки мост до пештерата, Кањонот Матка ќе стекне можност за натамошен развој на туризмот.
Текст, фото: Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk