Претходна статија
„Ибни Пајко“ и уште четири други згради ќе преминат во „барок“
Следна статија
Голем број реакции на плановите да се гради во Националниот парк Галичица

„Барокна“ урбана опрема за скопскиот парк Жена борец?

Објавено на 12.02.2016 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Откако во просторот за шах и детски џагор се поставија десетина спомен – обележја и скулптури, паркот Жена борец кај Градскиот трговски центар ќе добие нова урбана опрема во склад со проектот „Скопје 2014“. Градот Скопје денес го распиша тендерот за избор на градежна компанија што ќе го реконструира партерното уредување и осветлувањето во оваа парковска површина во строгиот центар на градот. На местото на постоечкото осветлување и урбана опрема, градските власти ќе постават клупи, канти за отпадоци и канделабри во „барок“ стил, кои во изминативе месеци се монтираат без исклучок на јавните површини низ централното градско подрачје.

 

 

 

Градските власти пресметале дека новото партерно уредување и осветлување на паркот Жена борец ќе чини 17.197.150 денари, или околу 280.000 евра без вклучен ДДВ. Тендерската постапка за заинтересираните компании е отворена до 3 март, како краен датум за поднесување на понудите до Градот Скопје. Градските власти се обидоа да го реализираат идентичниот проект лани, но до денешен ден не беше отпочната самата постапка. Која е причината за спроведување на овој проект, засега не е јавно обелоденето пред јавноста.

 

Паркот Жена борец е една од локациите во централното градско подрачје што беше преплавена со нови спомен – обележја и скулптури. На малиот јавен простор во изминативе години беа поставени споменикот на „Паднатите херои на Македонија“, Прометеј, спомен – обележјето од првото заседание на АСНОМ, спомениците на македонските бранители, на основачите на ВМРО и на Кузман Јосифовски Питу.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk