Тунелите долж македонските патишта ќе бидат реконструирани и осветлени. Јавното претпријатие за државни патишта денеска објави оглас за пронаоѓање на компанија што ќе изврши нивна санација, соодветно обележување и поставување на нова сигнализација. Зафатот подразбира безбедносно средување на тунелите со комплетна промена на осветлувањето, белење на ѕидовите и обележување со флуоресцентни бои. Тунелите треба да се осветлат на самиот влез и излез. Проценетата вредност на проектот изнесува 380.000 евра.
Целосно средување на тунелите на македонските патишта беше најавено уште од септември 2012 година, но до денешен ден единствено се реконструирани тунелите на автопатот помеѓу Скопје и Велес. Според податоците од Бирото за јавни набавки, времетраењето на претстојниот договор со најповолниот понудувач ќе изнесува 36 месеци. Компаниите заинтересирани за учество на тендерот треба да ги поднесат своите понуди најдоцна до 4 март.