Општина Ресен го стартуваше проектот за реконструкција на водоводната мрежа во градот, кој се финансира со средства од Европската инвестициона банка. Со првата фаза е опфатен потегот од улицата „Наум Веслиевски“, од просторот пред Живинарската фарма кон крстосницата со улицата „Јосиф Јосифовски“. Во рамки на проектот е планирана промена на азбестните цевки во должина од осум километри. Ресенскиот градоначалник Ѓоко Стрезовски денес појасни дека градежните работи за двете фази од проектот ќе се одвиваат во период од околу една година. Изведувач е фирмата „Маркоски К73“ од Струга, а вредноста на проектот е над 600.000 евра.
„Во рамки на проектните активности, ќе се реализираат реконструктивни зафати на поголем дел од главните улици во градот, во вкупна должина од околу осум километри, по што ќе се реконструира водоводната мрежа на уште неколку поголеми улични системи во Ресен“, изјави Стрезовски. Локалната самоуправа прави напори за да обезбеди финансии во висина од 200.000 евра за реализација на секундардните индивидуални приклучоци на водоводот, со што целосно би се заокружил проектот за обнова на водоводот во Ресен.