По само една деценија од изградбата на автопатската делница Неготино – Демир Капија, истата ќе биде подложена на реконструктивен зафат. Јавното претпријатие за државни патишта распиша тендер за изведувач што ќе ја врши рехабилитацијата на овој сегмент од патниот Коридор 10, во должина од 15,4 километри. Според податоците од Бирото за јавни набавки, градежните работи треба да се одвиваат во период од три и пол години и проценките се дека би го чинеле државниот буџет околу 8,5 милиони евра.
Санациониот зафат ќе се реализира врз основа на изработената проектна документација од страна на фирмата „Геинг КуК Интернешнл“. Изготвувањето на проект за рехабилитација на автопатската делница чинеше околу 17,4 милиони денари. Трасата од Неготино до Демир Капија се градеше во периодот од 2003 до 2005 година, при што за нејзината изведба беа користени средства од Фаре програмата и од Кардс програмата на Европската комисија. Во однос на постојниот тендер, заинтересираните градежни компании имаат рок за да ги достават понудите за санација на автопатот најдоцна до 23 март.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk