Цела низа од објекти е предвидено да се градат во Охрид во текот на 2016 и 2017 година. Охридскиот градоначалник Никола Бакрачески соопшти дека годинава ќе почне изградбата на нова марина, две катни гаражи, пешачка патека од градското пристаниште до Канео, Конгресен центар и нов објект за Домот на култура. Вкупната вредност на планираните инвестиции е проценета на 25 милиони евра.
Конгресниот центар е предвидено да се гради во охридската населба Даљан, а парите ќе ги обезбеди државната компанија ЕЛЕМ. „Урбанистичко-планската документација што ја обезбедува Општина Охрид е во завршна фаза, после што ќе бидат преземени следни активности. Почетокот на градежните активности би требале да бидат во првата половина на 2017 година“, истакна градоначалникот Бакрачески. Тој најави дека објектот ќе се состои од една голема конгресна сала со капацитет од 1.500 до 2.000 седишта и од четири до шест помали сали со капацитет за 200 лица.
Со државни пари ќе се градат и двете катни гаражи. Едната од нив ќе ја подигне Електрани на Македонија, која е предвидено да се гради кај Центарот за култура во строгиот центар на Охрид. Втората катна гаража ќе се гради на локацијата кај спортскиот центар „Билјанини извори“ и во овој објект ќе инвестира АДСДП. Планирано е изградбата на катната гаража да почне во втората половина на 2016 година. „Според нашите стратешки планови во урбанизмот, таа катна гаража ќе треба да се гради на потегот кај СРЦ „Билјанини извори“ со оглед на тоа што најголем дел од туристичките автобуси што доаѓаат и сега се паркираат на тој простор“, вели градоначалникот Бакрачески.
Покрај ветувања за овие инвестиции, Министерството за култура најавува дека ќе вложи во изградба на нов објект на Центарот за култура, а МЕПСО треба да инвестира во два проекти за новото лице на Охрид – градската марина и пешачката патека од градското пристаниште до локалитетот Канео.