Заврши изградбата на Центарот за позитронска емисиона томографија – ПЕТ Центар во скопската населба Карпош 3. Инвестицијата вредна 16 милиони евра денеска беше претставена пред премиерот Емил Димитриев. Објектот со површина од 2.600 метри квадратни се наоѓа во близина на градската болница „8 Септември“. Станува збор за сложен здравствен објект во кој е инсталирана современа опрема, вклучувајќи го и циклотронот за производство на изотопи. Лабораториската опрема е набавена од познатата италијанска компанија Comecer S.P.A., а во просториите е инсталирана медицинска опрема и од други европски производители.
Сите процеси во ПЕТ Центарот се одобрени од Меѓународната агенција за атомска енергија и целосното производство треба да биде валидирано и сертифицирано од неа. Очекувањата се дека во последниот квартал од годинава ќе почне работата со пациенти. Позитронската емисиона томографија претставува последен дострел на медицинската наука во обидот да се добие што попрецизно прикажување на функционалните промени на ткивата на човекот, како основа за навремено откривање на многу болести, но и за давање на прецизна дијагноза, ефикасна терапија и следење на болните лица.
Изградбата на ПЕТ Центарот се одвиваше во изминативе две и пол години. Објектот го издигна австриската градежна фирма „Штрабаг“, врз основа на проектната документација изработена од бирото „Иванов Инженеринг“. Надзорот над градежните работи го реализираше фирмата „Евро Консалтинг“.