Претходна статија
Создадени сите предуслови за изградба на новото училиште во Капиштец
Следна статија
Пуштен во употреба 400 kV далновод помеѓу Македонија и Србија

Значајни инфраструктурни проекти ќе се реализираат во Куманово

Објавено на 22.01.2016 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Општина Куманово преку локалните јавни претпријатија планира да ја обнови атмосферската и канализационата мрежа во населбите, но и да го уреди градскиот пазар. На денешната седница на Советот на општина Куманово беше изгласана програмата за работа на јавното претпријатие „Водовод“, со која е предвидено во претстојната година да се инвестираат околу 6,5 милиони евра во реконструкција и изградба на канализациона и атмосферска мрежа во градот. „Ќе се репарира и гради канализациона мрежа во должина од 20 километри, треба да отпочне изградба на атмосферска мрежа исто така во должина од 20 километри и замена на околу 10.000 застарени водомери со цел намалување на загубите на вода“ изјави директорот на Ј.П. „Водовод“ Горан Стојковски.

 

 

 

Целта на овој проект на кумановската локална власт е да се модернизира водоснабдувањето и менаџирањето со отпадните води во градот. Финансиите се веќе обезбедени од Европската инвестициска банка и од ИПАРД фондовите. Од ова јавно претпријатие планираат да набават и нови градежни машини и останата опрема за тековно одржување на водоводната и канализационата мрежа.

 

Општина Куманово планира во наредниот период да го уреди и градскиот пазар. На денешната општинска седница беше дадена поддршка за Ј.П. „Пазаришта“, кое ќе аплицира за проект за прекугранична соработка заедно со бугарскиот град Јакоруда. Очекувањата се дека од прекуграничните ИПА фондови ќе се обезбедат средства во висина од 12 милиони денари, со кои ќе се изврши санација на кровната конструкција на пазарот и уредување на целокупниот простор. Конечната одлука за реализација на овој проект ќе се знае кон крајот на овој месец.