Вчера започна изградбата на дополнителни 16 куќарки во Музејот на вода кај популарниот „Залив на Коските“ во Охридското Езеро. Работите треба да завршат до крајот на октомври кога на површина од 2.500 метри квадратни ќе има вкупно 24 праисториски куќарки. Платформата и објектите се изработуваат од импрегнирано дабово дрво од Кичевско, а вкупната инвестиција во музејот ја чини државата 3,5 милиони евра.
Првата фаза на комплексот се градеше од мај до декември 2008 година. Конципиран е околу обновата на наколна населба од бронзеното време која датира од 1200 до 600 година пред новата ера, за која според истражувањата се претпоставува дека своевремено се простирала на површина од околу 8.500 квадратни метри. Платформата е поставена на колци долги 6 метри и е поврзана со копнениот дел на комплексот со мост долг 15 метри. Паралелно со реализацијата на проектот Музеј на вода, реконструирано е и воено утврдување од римско време, таканаречен каструм, кој се наоѓа на ридот над Заливот на коските. Предвидено е да се направи и нуркачка база за туристички цели. Музејот на вода минатата година го посетиле над 30.000 посетители, а годинава според зборовите на министерката за култура, Елизабета Канческа – Милевска, интерестот бил уште поголем.
Форумска дискусија за овој проект » овде