Музејот на град Скопје од денес до 5 февруари е домаќин на изложбата „Феникс од пепелта. Уништувањето и обновата на Варшава 1939-1955“. Настанот се организира од оваа музејска установа, во соработка со Амбасадата на Република Полска во Република Македонија. Изложбата се состои од документарни фотографии и пишан материјал низ кој може да се проследи историјата на Варшава во три временски периоди: предвоен период (кој го опфаќа периодот до 1939 година), воен период (1940-1945 година) и периодот на Бирото за обнова на Варшава и социјалистичкиот период (повоена Варшава до 1955 година).
Изложбената поставка завршува со прекрасна панорама на полската метропола денес. Посетителите преку документарен филм и подвижни слики ќе можат одблиску да се запознаат со историјата на Варшава низ едно драматично историско време, за градот што повторно бил издигнат од пепелта на Втората светска војна. Влезот за сите посетители на Музејот на град Скопје е бесплатен.
На вечерашното отворање на музејската изложба присуствуваа скопскиот градоначалник Коце Трајановски, амбасадорот на Република Полска во Македонија Јацек Мултановски, директорот на Музејот на град Скопје Љубен Тевдовски и заменик-директорот на Бирото за култура на Град Варшава Магожата Наимска.