Паркинзи на Општина Центар за граѓаните ќе обезбеди дополнителни 1.000 нови паркинг места. Директорот на ова јавно претпријатие Саша Богдановиќ најави дека во 2016 година ќе започне проектот „1.000 нови паркинг места“ за да се подобрат условите за паркирање во централното подрачје на Скопје. Во наредниот период ќе се формира координативно тело, составено од претставници на јавното претпријатие и од Општина Центар, кое ќе даде предлози за организација на просторот на улиците во секое населено место. Целта на овој проект е да се обезбеди доволно место за паралелно паркирање и ослободување на тротоарите за пешаци и велосипедисти.
Во соработка помеѓу Паркинзи на Општина Центар и Општина Центар, во центарот на Скопје ќе се градат четири монтажни гаражи, а предвидено е и да се реконструираат и да се вратат во употреба подземните гаражи. Сите овие нови инвестиции ќе обезбедат дополнителен паркинг простор, со кој на центарци ќе им се олесни паркирањето во централното градско подрачје. Директорот Богдановиќ најави дека во 2015 година се направени значајни промени и подобрување на состојбата. Неколку улици, како што се „Црвена Вода“, „Мајаковски“ и „Благој Давков“, станаа резидентни. Улицата „Пролет“ е уредена со пешачки патеки, столбчиња и огради, со што е спречено дивото паркирање.
Паркинзи на Општина Центар и денеска потсети дека сите жители на оваа скопска општина имаат право на „М Карта“ за паркирање во централното градско подрачје, со зголемени часови за гости од 30 на 90 часови, додека деловните субјекти добиваат бизнис мобилна карта со пет паркинг места.