Премиерот Никола Груевски во близина на наплатната рампа Романовце денеска изврши увид во градежните активности за реализација на проектот за изградба и инсталација на електронски систем за наплата на патарините. Станува збор за проект вреден 18,7 милиони евра, од кои 2,86 милиони евра се обезбедени од државниот буџет, а останатите средства потекнуваат од Европската банка за обнова и развој. Со проектот ќе се преместат на нова локација постоечките патарини кај Романовце и Градско, со што ќе се овозможи нивно проширување од сегашните пет на 10 сообраќајни ленти.
Долж автопатот од Коридорот 10, предвидено е да се изградат две нови наплатни станици во Демир Капија и Гевгелија, но и да се реконструираат, прошират и модернизираат постоечките три наплатни станици во Петровец, Сопот и Отовица. Новата наплатна станица кај Демир Капија е зацртано да има осум сообраќајни ленти, додека онаа кај Гевгелија ќе биде со 10 ленти. Проширено од постојните четири на по пет сообраќајни ленти ќе бидат и наплатните станици кај Сопот и Отовица.
Со воведувањето на електронски систем за наплата, на македонските патишта ќе се користат два начина за плаќање на оваа услуга. Првиот начин подразбира купување на електронски уред со кој возилата нема да имаат потреба да застануваат на патарина, бидејќи наплатата автоматски ќе се евидентира со електронските уреди. Вториот начин е со купување на припејд или постпејд картички, кои возачите ќе треба да ги евидентираат на електронските читачи на патарините. Изградбата и модернизацијата на патарините долж автопатот од Табановце до Гевгелија ќе се реализира во текот на оваа година, како и на почетокот од 2017 година.
Во однос на наплатната рампа кај кумановското село Романовце, предвидено е градежните работи за нејзина изградба да завршат до јуни годинава. Почетокот на спроведувањето на електронската наплата на патарините доцнеше повеќе од половина година. Нејзината конечна реализација ќе доцни уште подолг период, ако се земе во предвид ветувањето од ноември 2014 година дека целокупниот проект ќе се комплетира во рок од 18 месеци. Модернизацијата на патарините е проект што ќе го реализира турската компанија „Аселсан“.