По спроведената реконструкција во изминативе неколку недели, бензинската станица на Макпетрол во скопската населба Карпош 3 е повторно отворен. Еден од најголемите објекти на оваа македонска компанија, во иднина ќе нуди и метан како погонско гориво за возилата. Ова гориво е за 30 до 40% поевтинo од плинот, а бензинската станица на булеварот „Партизански одреди“ е четвртиот по ред опремен објект со компресорска станица за продажба на метан. Макпетрол има инсталирано ваква опрема во една автобаза на ЈСП-Скопје, како и на бензинските станици во населбата Влае, во Куманово, а наскоро ова погонско гориво ќе може да се користи и на локација во индустриската зона Ќојлија.
Од Макпетрол најавуваат дека во наредниот период ќе се изградат компресорски станици за продажба на метан и на бензинските станици во Гостивар, Струмица и Битола. „Метанот како алтернативно гориво е најприфатливо за користење, не загадува, дава добри резултати во користењето на калориската моќност“, вели Љупчо Георгиевски, директор на малопродажба во АД Макпетрол. Покрај воведувањето на оваа новина за потрошувачите, со реализираниот градежен зафат е извршена целосна реконструкција на објектот во кој се наоѓаше бензинската станица во населбата Карпош 3.