Претходна статија
Започнаа градежните работи за довршување на булеварот „Србија“
Следна статија
Во јануари почнува изградбата на пречистителна станица за отпадни води во Струмица

Со кредит ќе се гради топлификацијата во Битола

Објавено на 23.12.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Републичкото собрание денеска го поддржа кредитното задолжување на нашата земја во полза на реализацијата на проектот за топлификација на Битола, Могила и Новаци. За првата фаза од капиталниот проект ќе бидат обезбедени финансиски средства во висина од 39 милиони евра преку германската КфВ банка и државната компанија ЕЛЕМ. Финансиското задолжување за проектот го поддржаа сите пратенички групи во парламентот. Рокот за отплата на кредитот изнесува 15 години, со грејс период од четири години. За топлификацијата на битолскиот регион веќе е изработен основен и инфраструктурен проект, додека хрватскиот институт „Екоенерг“ изработи студија за избор и концепција на топлификационен систем, базиран на топлинската енергија од РЕК „Битола“.

 

ЕЛЕМ во изминативе години спроведе проект за реконструкција на турбините на двата термоблока од РЕК „Битола“, со што се создадени неопходните предуслови за обезбедување на топлинска енергија. Според изработениот инфраструктурен проект, во првата фаза ќе се градат транспортни вреловодни цевки во должина од 12,5 километри, на потегот од РЕК „Битола“ до планираната препумпна станица во градот. Со претстојниот инфраструктурен зафат треба да се изгради дистрибутивната мрежа и топлинските подстаници во Битола.

 

Во втората фаза од проектот за изградба на топлификационен систем во битолскиот регион, планирано е дистрибутивната мрежа на топлинска енергија да се прошири кон Новаци, Могила и Логоварди.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk