Претходна статија
Конечно се најдоа средства за реконструкција на болницата во Струмица
Следна статија
Уште 216.000 евра за непредвидено уредување на владиното седиште

„Барокот“ во кампусот на УКИМ и денеска ја бранува јавноста

Објавено на 22.12.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Велимир Стојковски денеска излезе во јавност за да се произнесе за изградбата на двата нови „барокни“ факултети во кампусот на УКИМ. Тој тврди дека целата постапка е транспарентна, бидејќи новите згради се граделе по барање на ФИНКИ и на Факултетот за физичко образование, кои се членки на скопскиот универзитет. Деканите на факултетите учествувале во изборот на идејни решенија за универзитетските објекти, додека земјиштето на кое истите се градат е во сопственост на државата. „Ништо не е спорно. По законот за градба, може да гради оној кој е сопственик на земјиштето. Двата факултети бараа од државата објекти и сега целата постапка ја води Министерството за образование“, посочува ректорот Велимир Стојковски.

 

 

 

Првиот човек на скопскиот универзитет посочува дека нема да свикува вонредна седница на Сенатот на УКИМ, од причина што самите сенатори и универзитетските професори биле многу добро информирани за целиот проект. Со ваквата позиција на ректорот на УКИМ не се согласуваат од Студентски пленум, од каде излегоа со информации дека вчера имале средба со ректорот Велимир Стојковски. „Барањето на Пленумот за свикување на вонредна седница на Сенатот на Универзитетот, на која ќе се ревидира постапката за одобрување на градење, беше веднаш отфрлено. Единствениот понуден аргумент во таа смисла беше дека не постои вонредна ситуација“, посочуваат од Студентски пленум.

 

Како што информираат пленумците, на вчерашната средба присуствувале и двата декани на ФИНКИ и на Факултетот за физичко образование. Тие велат дека Ректорот на УКИМ тврдел дека земјиштето не е на скопскиот Универзитет, па оттаму тој не е надлежен да ја сопре изградбата. „Но спротивно на неговите тврдења, согласно Имотниот лист кој беше изваден од Катастарот на Република Македонија, носител на правото на користење на соодветното земјиште е токму Универзитетот!“, истакнуваат од Студентскиот пленум.

 

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија денес повторно побара оставка на скопскиот градоначалник Коце Трајановски поради сечењето на дрвјата во универзитетскиот кампус. „Инвеститор, наредбодавател, идеен творец на уште два нови барокни објекти во центарот на градот е Никола Груевски. Слеп извршител како и секогаш е Коце Трајановски“, изјави Дамјан Манчевски, координатор на советничката група на СДСМ во Советот на град Скопје. Тој презентираше два документи, кои покажуваат дека сечењето на дрвјата во кампусот на УКИМ било максимално координирана акција меѓу Градот Скопје и Министерството за образование и наука, реализирана за помалку од 24 часа.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk