Претходна статија
Во Демир Капија ќе се гради градски плоштад
Следна статија
Или „барок“ во кампусот на УКИМ, или ќе нема згради за ФИНКИ и за Факултетот за физичко образование?!

Конечно тендер за изградба на браната „Речани“ во Кочани

Објавено на 14.12.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство денес го распиша огласот за изградба на браната „Речани“ на Оризарска река, инфраструктурен објект што треба да биде лоциран на територијата на општина Кочани. Наместо првично ветениот рок од 43 месеци, во тендерската документација е предвидено браната да биде издигната во период од 60 месеци, односно најдоцна до 2021 година. Вкупната вредност на овој проект е проценета на 1.682.000.000 денари, или на околу 27,3 милиони евра без вклучен ДДВ. Изградбата на браната „Речани“ треба да започне во текот на наредната година. Пријавите за учество на градежните компании треба да се достават најдоцна до 21 јануари 2016 година.

 

 

 

Додека тече официјалната постапка за избор на најповолниот понудувач, на терен е завршено пробивањето на пристапниот пат до идната брана и акумулација „Речани“. Со изведбата на делницата во должина од пет километри, овозможено им е на градежните екипи во иднина да имаат непречен пристап до локацијата за градење. Само за патот од надлежното министерство беа издвоени финансиски средства во износ од 184 милиони денари, односно околу 3 милиони евра. Дополнително, за техничката документација за браната беа издвоени 36 милиони денари од државниот буџет.

 

Со изградбата на планираната брана и акумулација „Речани“ треба трајно да се реши проблемот со водоснабдувањето на 90.000 граѓани од Кочани, Виница и од околните населени места. Проектот остава простор за искористување на водата за наводнување од земјоделците во кочанскиот регион, како и за оформување на ново вештачко езеро како локација за рекреација достапна за околните градови.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk