Стапи на сила новиот возен ред на Македонски железници за 2016 година. Без никаква најава во медиумите и без никакво известување на веб – страниците на Македонски железници – Транспорт и Македонски железници – Инфраструктура, од денеска возовите во домашниот и во меѓународниот железнички транспорт сообраќаат по новиот возен ред. И покрај тоа што догодина треба да пристигнат нови моторни гарнитури за патниците, во новиот возен ред за 2016 година нема позначајни промени. Во меѓународниот сообраќај, остануваат двата пара возови на релација Скопје – Белград – Скопје, со поаѓање од македонската метропола во 8:20 и во 22:19 часот.
На релација Скопје – Солун – Скопје сообраќа еден пар возови, со поаѓање од Скопје во 4:45 часот, додека од Солун експресниот воз тргнува во 18:30 часот. На релација Скопје – Приштина – Скопје во возниот ред е впишан еден пар брзи возови, кои ќе поаѓаат секој ден од Скопје во 16:10 часот. Во внатрешниот патнички сообраќај на патниците ќе им бидат на располагање четири пара возови меѓу Скопје и Битола, три пара возови меѓу Скопје и Гевгелија, два пара возови меѓу Скопје и Кичево, и еден пар возови дневно меѓу Скопје и Кочани. На релација Скопје – Велес – Скопје и Скопје – Табановце – Скопје сообраќаат идентичен пар возови како и во постоечкиот возен ред.
За патниците кои од Скопје се желни да бидат превезени со воз до подалечните дестинации во Европа, и во текот на наредната 2016 година ќе сообраќаат редовните експресни возови и директни вагони од Белград кон Будимпешта, Загреб, Љубљана, Виена, Цирих и Москва.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk